We’ve updated our Terms of Use to reflect our new entity name and address. You can review the changes here.
We’ve updated our Terms of Use. You can review the changes here.

Во о​в​а в​р​е​м​е

by Мугер Фугер + Горан Трајкоски

/
1.
Во она време Тој на дванаесетте избрани им даде власт да гонат сили нечисти поднебесни. Им заповеда да тргнат, да се спремат за на пат и да не носат ништо освен сандали и стап. Ниту торба, ниту леб, ниту пари на појас и по две рува да не облекуваат. Ако негде не ве примат ним за сведоштво да е па истресете го правот од себе. Па ви велам дека полесно ќе им е и на Содома и Гомора во судниот ден. О, безумници од сите времиња, занавек изгубени! Во ова време Нате Маго засукал ракавите, па од хотел “Билдеберг“ им проговара на банкарите. Да не тргаат на пат, да си седат по дома и носот да не го вадат од соба. Оти удари удари ќе следеле, а неземна сила се’ што лаже ќе го сотрела, да видат. Дека речено им било, а и пишано е, ќе сме ги стреселе ко правот од себе. Па ви велам дека полесно ќе им е и на Содома и Гомора во судниот ден! О, среброљупци од сите векови со очи ококорени! Генерали на себепогибијата, Чија Слава ве засени? Велесопственици на поразот занавек сте згазени!
2.
Од рани зори труби кинат небеса, котли вријат скари трујат-епска смрдеа! Се отвориле дупки, шахти, дувла подземни. Зинале ми усти стрвни за женски полутки. Огномет за почеток на масовна хипноза! Опиум за вас луѓе прекрасни! Окови за мислата ви слободна! Отрови и смрад па никогаш да не ве отрезнат. Изгубила мајка сина в дружба шарена, Истурила ќерка црева среде улица. Мегалукси врз суратот на божеството. Пеколот ни дошол еве во соседството! Огномет за почеток на масовна наркоза ! Опиум за вас луѓе прекрасни! Окови за мислата ви слободна! Отрови и смрад па никогаш да не ве освестат.
3.
Ни бледа сенка од нив излитен споменик, божемен мит. Но ако уста отворат, ќе горат уши и образи! Ниту тресок подземен ниту пак есплозија нема да им помогне. Добродојдовте! Знам, тесен ви е патот од кој се исплашивте. Но колку широки се вратите што не вe водат никаде! Златно момче, сини очи, гордост вивната до небеса. Кругови во низа беснеат, голи меса за нови огнови. Блазе на гулабите! Не дека живеат во зградите на Ново Лисиче. Ниту сеат, ниту жнеат, нити во амбар собираат! Сал еден Гопод нив ги храни со Милоста Небесна.
4.
Pater Urbis 06:39
Нели ти здодеа да бидеш сам на бродот, притиснат в теснец син, в затвор без ниеден ѕид? Со празна насмевка, очи раширени, кренати раце и намери скриени, во тајни долапи, во темни одаи. Твојата страсност е незадоволива, пррострелни рани на главата сокриваш, од празнословија. Не ли ти здодеа да бидеш сам на врвот, потиснат в облак сив, в затвор без ниеден ѕид? Со тажна насмевка, очи затворени, со полни раце-намери отворени, за јавни пофалби, усти отворени. Твојата радост е неизглаголива, тајни препораки во џебот сокриваш. Застани еден миг! За во историја... Каква мајсторија од праисторија?! Нели ти здодеа, да лежиш сам на подот- накиснат блуден син, надвор од секаков филм? Не ли ти здодеа да пиеш сам на врвот со очи крвави пред народ побеснет див? Со што би го покрил срамот на овој миг? Благо сфумато? Валкан ли објектив? Кај би се сокрил пред да се остетиш смрзнат к’о поглед, длабок непрониклив?
5.
Пролет ви со дланка студена тетовирала на врат судбина, што од солзи што од прашина во ова село е кал до колена Мир на сите! Зима ве низ сказни опојни доведе до кралски одаи. Во ова село кули високи вечен дом за птици небесни Мир на сите!
6.
Зимска ноќ, студот коски крши без заби. Вселенски отпад бара истовар под небеси. А кучињата никаде ги нема да залајат оти устите им фатиле пена, папсани од гонење плашила. Нечујно, паднав пред тебе на колена, за да ја земам скрбта туѓа в прегратка. Погоден во с’ржта на своето себељубие, осамен во својата празна суета. Не сум сам во... Не сум сам против својата слободна волја туку скратен - скратен во своите умислени права. Јас сум сам во... сосем сам со својата сирота слава, дури скратен - скратен во своите умислени права. А кучињата никаде ги нема да залајат оти устите им фатиле пена, папсани од гонење плашила. А кучињата никаде ги нема, ги замолкнааа со...
7.
Улици врели на Севиља по втор пат меѓу луѓето, ad majorem gloriam Dei епилог на обредот. Исцели ме за да те видам надверен од врз бакнежи, радосни восклици Осана! тоа мора да си само Ти! Tantum ergo Sacramentum Veneremur cernui: Et antiquum documentum Novo cedat ritui: Зандана во студен камен врата се отвора со тресок длабок, морничав. Па со светилка во рака в лице му зјапа пресветло. Сподоба од стотин лета се надвила, од уста сиктат стрели отровни од гнев. Кој си не знам нит(у) пак сакам но утре ќе те отпеам! Талита куми, дете стани земјата послана со бакнежи каде што чекори. Осана во вишних! Тоа мора да си само ти!
8.
A Dream 02:28
In visions of the dark night I have dreamed of joy departed— But a waking dream of life and light Hath left me broken-hearted. Ah! what is not a dream by day To him whose eyes are cast On things around him with a ray Turned back upon the past? That holy dream—that holy dream, While all the world were chiding, Hath cheered me as a lovely beam A lonely spirit guiding. What though that light, thro' storm and night, So trembled from afar— What could there be more purely bright In Truth's day-star? Edgar Allan Poe
9.
Ата 04:56
Низ јазици од пламен земја се наѕира, Бел туѓинец без сенка гради пустина. Кој ли во кого влегол, тајно без најава?! Адот ли во мене, или јас во него?! Нека молчи се’ што дише, нека биде тишина! Аплауз во заднина, крај е на претставата: Сонцето и Луната ја кријат својата светлина. Сега камења ќе прозборат, еве, грмнува вселената! Ата Ти Кто Си Atta unsar, þu in Aboon d-bashmayo loalam olmin Amin
10.
Среде соба високо светилка со мрак за врат се граби, враг од досада до дно пие празнина од ладна чаша Изгладнет крадец в пустина вдлабен в безмислие вратот го сокрива - ќе ти ја украде насмевката. Воин со око стаклено со она другото те гледа накриво - ќе ти ја украде насмевката. Некогаш, понатаму како браќа можеби ќе се прашаме зар ни беше подобро кога бевме едно но не и исти?! Сокриј ги лажните воздишки можеби подоцна да ти се посреќи! кој ти ја украде насмевката? Твоите ненавидими не се од плот за да им напакости! Кој ти ја украде насмевката? Добредојде на ѓубриштето Новата Геена му е името! Кој ти ја украде насмевката? Добре дојде стара госпоѓо, за некој мајко за други пак маќео! Кој ти ја украде насмевката? Среде соба високо светилка со мрак за врат се граби, враг од досада до дно пие празнина од полна чаша.

credits

released December 5, 2019

Горан Трајкоски - Готра : вокал,саксофон,семплер
Сеад Хаџиќ – Сецко : гитара,мандолина ,мандочело
Огнен Мангаровски : гитара,синтисајзер ,органа
Сашо Митевски : гитара
Никола Кузмановски: бас гитара (1,2,3,4,5,8,9 )
Сашко Костов:тапани и удиралки (1,2,3, 5,7,8,10)
Влатко Јаневски : бас гитара (7,10)
Димитар Петров : тапани (6)
Џано Куч: тапани (4,9)

Снимано и миксувано во студио ТРА ЛА ЛА од Димитар Димовски
Продуцирано од Димитар Димовски и Горан Трајкоски
Композитор: Сеад Хаџиќ – Сецко
Аранжмани: Мугер Фугер
Текстови: Горан Трајкоски (8. Е.А. По)
Фотографија : Маја Аргакијева
Дизајн : Дана Андо
Техичка обработка : Контура

license

all rights reserved

tags

If you like Во ова време, you may also like: